поларна светлина

Светлосна појава што се случува во горната атмосфера, на висини над 100 km, и што вообичаено се набљудува во поларните региони. Таа е резултат на интеракцијата на сончевиот ветер со атмосферата на Земјата. Дел од тој тек на високоенергетски електрични честички, што зрачат од Сонцето во сите правци, го пресретнува моќното магнетно поле на Земјата, кое делува како заштитен штит и го пренасочува кон двата магнетни пола. Бомбардирањето на честичките врз гасовитите молекули присутни во горната атмосфера резултира со емисија на светлина на различни бранови должини (различни бои) и, следствено, со формирање на поларни светлини. Нивните нијанси зависат од типот на молекули што се бомбардираат. Молекулите на кислородот формираат поларни светлини со зелена боја; азотот создава сјај во црвени, розеви и виолетови тонови, додека поретката сина боја потекнува од молекулите на водородот, сместени многу високо во атмосферата. Зависно од полутопката на Земјата каде што се формираат, имаме северна поларна светлина (северна полутопка) и јужна поларна светлина (јужна полутопка). Големите геомагнетни бури, предизвикани во магнетосферата на Земјата со доаѓање на сончев ветер поинтензивен од нормалното, резултираат со поголеми поларни светлини, кои можат да се набљудуваат на пониски географски широчини од вообичаеното. Северните поларни светлини се познати и како северно сијание и околу нив постојат многу легенди. Во некои нордиски култури се мислело дека се души на мртвите, кои живееле над атмосферата и играле со запалени факели за да ги водат чекорите на новите духови.