ENSO
Меѓународно користената кратенка за климатскиот образец Ел Нињо - Јужна осцилација (El Niño - Southern Oscillation, на англиски). Оваа природна појава е најјасната манифестација на спрегата помеѓу атмосферата и океанот. Тоа е бимодална осцилација од голем размер, чија негативна фаза е Ел Нињо, а позитивна фаза Ла Ниња. Почетокот на еден ENSO епизод се одбележува со значајни аномалии на површинскиот притисок помеѓу Тахити, во Француска Полинезија, и Дарвин, во северна Австралија, како и на температурите на површината на морето во централниот и источниот екваторијален појас на Пацификот. Во климатологијата, т.н. Индекс на јужна осцилација (познат како SOI) се користи за одредување кога започнува дадена фаза на ENSO. Тој индекс се добива од стандардизираната разлика на атмосферските притисоци измерени на споменатите места. При нормални услови - со неутрален ENSO -, притисокот е понизок во Дарвин отколку во Тахити, што одржува струење на воздухот од исток кон запад (режим на пасати) кое пренесува големи количини водена пареа кон источниот дел од пацифичкиот басен, предизвикувајќи го карактеристичното дождливо време во северна Австралија и во соседните Папуа Нова Гвинеја и Индонезија. При услови на Ел Нињо, разликата во притисокот од двете страни на басенот слабее, пасатите исто така слабеат, нагорните струења на влажен воздух се намалуваат, а океанските струи се менуваат, при што површинската морска вода се загрева во споменатиот појас. Сето ова значително ги менува режимите на ветрови и режимите на врнежи низ целиот пацифички регион. Додека Австралија доживува суши, од другата страна на басенот, на западниот брег на екваторијалниот појас на Јужна Америка, се случуваат силни порои што предизвикуваат поплави. Со појавата Ла Ниња (позитивна или ладна фаза на ENSO) се случува токму спротивното. Во двете фази влијанието на ENSO не е ограничено на пацифичкиот басен, бидејќи има многу повеќе региони во светот каде се чувствуваат неговите ефекти.