Рејлиево расејување

Атмосферско расејување (или дифузија) на светлина или на кое било друго електромагнетно зрачење што настанува по удар во молекули на воздухот или ситни честички со сферична симетрија во суспензија, со дијаметар помал од една десетина од бранова должина на упадното зрачење. Ова расејување е одговорно за сината боја на небото. Интензитетот на дифузното зрачење што произлегува од атмосферата е обратно пропорционален на четвртиот степен од брановата должина, како што е утврдено со законот предложен во 1871 година од британскиот физичар и аристократ Џон Вилијам Строт (1842-1919), подобро познат како лорд Рејли. Ако чистото небо го гледаме како сино, а не како црвено или со други бои од видливиот спектар, тоа е затоа што, според тој закон, боите со пократки бранови должини (сина и виолетова) се расејуваат поинтензивно од оние со подолги бранови должини (црвена и портокалова).