атмосферски притисок

Притисокот што го врши атмосферата врз која било површина како функција на својата тежина. За секоја точка на земјината површина, тој притисок е еднаков на тежината на столбот воздух, со единичен пресек, што се протега до врвот на атмосферата, кој за практични цели може да се постави на 300 километри височина (егзосфера). Масата на сиот воздух содржан во тој атмосферски столб - под претпоставка дека има основа од еден квадратен метар - изнесува околу 10.000 килограми. Причината зошто не умираме здробени кога сме на отворено е во тоа што воздухот над нашите глави не врши притисок само надолу, туку во сите правци - на кое било од атмосферските нивоа што ќе го разгледаме. Во Меѓународниот систем на мерки, атмосферскиот притисок се изразува во хектопаскали (hPa). Оваа единица е еквивалентна на милибар, кој сè помалку се користи. Вообичаено е и изразување во милиметри или инчи живин столб (еден инч [in] е еднаков на 25,4 милиметри [= 0,0254 m]), единици поврзани со мерењето на оваа променлива во барометри што ја користат таа течност. Во чест на пронаоѓачот на инструментот - Еванџелиста Торичели (1608-1647) -, притисокот што одговара на еден милиметар живин столб (mmHg) по дефиниција е еднаков на 1 тор.