Фулгурит
Цевеста структура од стаклест силициум диоксид, во облик на корен, што се формира во песочно, суво земјиште како последица на удар на гром во тлото. Високите температури - до 4000°C - предизвикани од електричното празнење на неговиот подземен пат ги топат песочните зрна и формираат тесен канал од стаклест материјал, кој често има разгранувања. Испарувањето на подземните води, што исто така се случува под земја, и последователното брзо ладење придонесуваат за формирање на шуплината во внатрешноста на фулгуритот. Овие "цевки од гром" имаат дијаметар од само неколку милиметри до 5 сантиметри, а нивната должина понекогаш може да надмине еден метар. Во зависност од составот на песокот, имаат различни бои. Зборот има етимолошко потекло од латинскиот термин fulgur, што значи гром или блесок. Фулгуритот не треба да се меша со церауниа, како што се нарекува каменот или врвот од гром.