слава (глори)
Атмосферска оптичка појава што се состои од една или повеќе серии преливни прстени што набљудувачот може да ги види околу сопствената сенка, кога таа се проектира врз облак составен исклучиво од ситни водени капки. Понекогаш може да се набљудува и врз снег и роса. Резултат е на назадно расејување на упадната светлина на капките, при што се комбинираат одбивање, прекршување и дифракција на светлината. Аголниот дијаметар на славата - многу помал од оној на виножитото - е обратно пропорционален на дијаметарот на капките. Поголемата или помалата униформност на големините на капките одредува дали гледаме една серија прстени или повеќе. Интерференциските појави што се јавуваат додека светлината се дифрактира околу рабовите на предметот што ја создава сенката се одговорни за појавата на одделни светлечки појаси. Една од ситуациите во кои можеме да забележиме слава е при патување со авион, кога тој лета над море од облаци. Ако авионот фрла сенка врз тој облачен слој, ќе имаме добра шанса да ја видиме славата околу неа. Појавата е позната и како прстен, круг, корона или хало на Улоа, во чест на шпанскиот морнар Антонио де Улоа (1716-1795), кој прв направил научен опис на истата. Бидејќи е центрирана на антисоларната точка, се нарекува и антелион.