Метеосат

Европска геостационарна метеоролошка сателитска програма развиена од EUMETSAT (европската организација одговорна за управување со метеоролошките сателити) и управувана од таа организација, во соработка со Европската вселенска агенција (ESA), која е одговорна за нивното лансирање. Првиот сателит во серијата бил Метеосат-1, лансиран на 23 ноември 1977 година. Ги направил првите снимки на 9 декември истата година, а оттогаш и тој и останатите сателити Метеосат што се ставени во орбита продолжуваат да обезбедуваат метеоролошки податоци за Европа и Африка - преку сликите што ги снимаат - од привилегираната позиција што ја заземаат, на околу 36.000 километри висина, над Гвинејскиот Залив, каде линијата на екваторот го пресекува нултиот меридијан. По првата серија од седум сателити (од Метеосат-1 до 7), кои веќе го достигнале крајот на својот век на употреба, следела втора генерација (MSG), од четири сателити, со поголеми можности, дизајнирани да ги задоволат потребите на nowcasting (непосредна прогноза) и нумеричко временско предвидување. Првиот од тие сателити (Метеосат-8 или MSG-1) започнал да работи на 29 јануари 2004 година, а по него следеле останатите три што ја комплетираат серијата (MSG-4 е ставен во орбита во јули 2015 година). Континуитетот на услугите што ги обезбедува MSG е осигуран за наредните децении благодарение на третата генерација сателити Метеосат (MTG), чија прва единица беше лансирана во вселената во 2022 година.