пасјадни (каникула)
Времето од годината во кое обично е најжешко. Иако не постојат фиксни датуми во календарот што го означуваат неговиот почеток и крај, пасјадните обично се поистоветуваат со периодот од 15 јули до 15 август („Од една Богородица до друга, сонцето силно пече“). Зборот има етимолошко потекло во латинскиот збор canis, што значи „куче“. Изгревањето на ѕвездата Сириус на хоризонтот го означувало почетокот на разливањето на Нил во Античкиот Египет, што се совпаѓало со доаѓањето на летото. Сириус е најсјајната ѕвезда во соѕвездието Canis Maior (Големото Куче), оттука и чудното име дадено на најжешкиот период од годината.